Македонија
21. December 2017 - 16:20

Тело за судска етика ќе помага во подигнувањето на етиката и кредибилитетот на судиите

Претседателот на Здружението на судиите на Македонија Џемали Саити и холандскиот амбасадор  Вилем Ваутер Пломп, денеска го промовираа проектот „Подобрување на механизмите за зајакнување на судската етика – споделување на добрите практики во регионот и ЕУ“, чија цел е етаблирање и функционирање на Телото за судиска етика на Здружението на судиите.

Проектот, како што појасни Саити, треба да даде поддршка за иницијално функционирање и развој на Советодавното тело за судиска етика, што ќе доведе до воспоставување на саморегулаторни механизми за промоција и почитување на принципите на Кодексот за судиска етика од страна на судиите.

Додаде дека целни групи на проектот се судиите и правосудните институции и дека проектот треба да биде во полза на резистентноста на судиите кон евентуалните притисоци. 

- Секогаш има обиди за влијание, а индивидуално е да се утврди во кои ситуации тие влијанија се ефективни и како судиите се справиле со нив, рече Саити.

Судиите, како што рече, треба да се водат од законските гаранции кои им обезбедуваат минимум заштита и од својот личен интегритет во однос на постапувањето и одбивањето на политичките и секаков друг вид притисоци.

Амбасадорт Пломп посочи дека независноста и прописното функционирање на правосудството е најбитно, бидејќи влијае врз животот на граѓаните, но и во нивната доверба која ја имаат врз функционирањето на правосудството.

Посочи дека според истражувањето изработено  од  Институтот за демократија, што беше објавено неделава, 72 отсто од испитаниците сметаат дека политичките, но и семејните врски имаат влијание врз тоа кој станал претседател на судовите, и ова, како што посочи треба веднаш да се поправи.

- Дури и кога и најдобрите закони би постоеле, а треба да бидам јасен дека нивното усвојување не е доволно, дури тогаш резултатите ќе бидат лоши се додека правилата не се спроведуваат од луѓе кои држат до себе, рече Пломп. Ова, според него, е само една од причините зошто сите именувања и избори во правосудството треба да бидат засновани врз основа на заслуги и да се направат на транспарентен начин.

Холандскиот амбасадор рече дека изминатите години видовме кои се ефектите кога не постојат тежи и противтежи.

- Личниот интегритет за секое избрано или именувано лице во јавната служба е од клучна важност за владеење на правото. Системот е толку добар колку што се добри луѓето кои работат во него, и ова е причината зошто нашиот проект се фокусира на интегритетот и на професионалната етика на судиите, додаде Пломп.

Проектот, кој ќе трае 15 месеци, а е почнат на 1 декември годинава, е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, а ќе се спроведува во соработка со Холандското здружение на судии и Здружението на судиите на Република Србија.