Македонија
18. December 2015 - 15:54

Телеграма со сочувство од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по повод смртта на Чашуле

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ упати телеграма со сочувство до семејството Чашуле по повод ненадејната смрт на Слободан Чашуле.

Пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во својата телеграма кон семејството на поранешниот пратеник изразуваат искрено и длабоко сочувство за големата загуба, но и благодарност за досегашно несебично лично залагање на Чашуле, кој, како се вели во соопштението од пратеничката група, ги бранел и застапувал интересите на Република Македонија како независна и демократска држава.

- Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со длабоко жалење и болка ја прими веста за смртта на Слободан Чашуле. Од името на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ до семејството Чашуле изразуваме искрено и длабоко сочувство за големата загуба. Слободан Чашуле како истакнат амбасадор на Република Македонија, но и со својата богата кариера во политиката и општествениот живот секогаш допринесуваше за промоција и афирмација на Република Македонија во светот, се вели во телеграмата.

Чашуле, се додава во неа, ќе остане запаметен како еден од основоположниците на македонското новинарство учествувајќи во формирањето на ТВ Скопје и како главен уредник на македонското радио и директор на „Нова Македонија“.

- Неговата долгогодишна работа, како пратеник во Собранието на Република Македонија и министер за надворешни работи на Република Македонија, но и како амбасадор на Република Македонија во Мадрид, Кралство Шпанија, допринесе за развој, напредок и бранење на интересите на Република Македонија како суверена и демократска држава. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во име на сите граѓани на Република Македонија упатува голема благодарност до ликот и делото на Слободан Чашуле кој несебично ги застапуваше и бранеше македонските интереси насекаде, се вели во телеграмата од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Споменот на Слободан Чашуле како човек со ведар дух и голем интелектуалец, се истакнува, ќе останат во вечно сеќавање на секој македонски граѓанин. сст/паг/15:04