Македонија
14. December 2016 - 12:27

ТЕЛЕГРАФ: Што се готви во Тирана за Македонија - Еди Рама ги собра лидерите на партиите на Албанците

Случајно или не, пред неколку дена во посета на Албанија беше директорот на ЦИА, Џон Бренан, кој се сретна со Рама и со претседателот Бујар Нишани. По средбата беше истакнато дека најмногу се разговарало за политичката и безбедносната состојба во регионот

Непосредно по завршувањето на изборите во Македонија, премиерот на Албанија, Еди Рама, ги повика лидерите на партиите на Албанците на итна средба во Тирана. Тој веќе имал средба со лидерите на Беса и на „Алијансата на Албанците“, Билал Касами и Зијадин Села.

За денеска е предвидено Рама да се сретне со Али Ахмети и Мендух Тачи.

Оваа средба е изненадувачка ако се знае дека токму гласовите на партиите на Албанците може да бидат одлучувачки за тоа кој ќе ја составува новата влада во Македонија. На неделните избори партиите на Албанците освоија 20 пратенички места, ДУИ освои 10 пратеници, БЕСА 5, „Алијанса на Албанците“ 3 и ДПА 2.

Случајно или не, пред неколку дена во посета на Албанија беше Директорот на ЦИА, Џон Бренан, кој се сретна со Рама и со претседателот Бујар Нишани. По средбата беше истакнато дека најмногу се разговарало за политичката и безбедносната состојба во регионот.

Албанскиот премиер Рама е познат по своите радикални ставови и мешање во внатрешни работи на Македонија. Тој дури и се закани дека слично како Грција и Албанија може да постави вето за приемот на земјата во НАТО.

- Македонија ќе биде членка на НАТО ако целосно се спроведе Охридскиот рамковен договор. Со повеќе упорност и интензитет се трудиме да ѝ го отвориме патот на Македонија кон НАТО. Но, факт е дека е потребен притисок кон двете страни да се реши спорот за името и поважното, владата во Скопје да го почитува Рамковниот договор – изјави Рама на последниот самит на НАТО во Велс.