Свет
16. November 2017 - 9:56

Телеграф: Лондон планира да плати 400 милиони фунти на Иран за ослободување на британска активистка

Велика Британија се подготвува да му плати повеќе од 400 милиони фунти на Иран за ослободување од затвор на иранско-британска активистка, објави весникот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани британски извори.

Назанин Загари-Ретклиф, проект менаџер во Фондацијата Томсон Ројтерс, издржува петгодишна затворска казна откако беше осудена од ирански суд поради заговор за соборување на свештеничкиот поредок во земјата. Таа ги негира обвиненијата.

Велика Британија побара правни совети околу тоа дали може да ги пренесе средствата што ги должи за спорниот договор за оружје во 70-те години. Дипломати за весникот „Телеграф“ изјавиле дека секое плаќање не треба да се поврзува со судбината на Загари-Ратклиф.

Загари-Ретклиф (38) има двојно државјанство - иранско и британско. Во март минатата година, заедно со ќерката, отпатувала во Иран да ја прослави тамошната нова година, а сопругот  Ричард останал во Лондон.

Револуционерната гарда пред заминување од Иран ја задржа на аеродромот во Техеран и ја уапси, а на нејзината двегодишна ќерка агентите и го одземаа британскиот пасош. Оттогаш Назанин се наоѓа во озлогласениот затвор „Евин", а за ќерката Габриела се грижат нејзините баба и дедо во Техеран. За разлика од нејзината мајка, Габриела има само британско државјанство. 

Нејзиниот сопруг Ричард, исто така вработен во Фондацијата Томсон Ројтерс, вчера имаше средба со британскиот министер Борис Џонсон, на кого тој му рекол оти нема сознанија дека се подготвува таков трансфер на пари од Лондон кон Техеран. Дипломатски извори и за „Сан“ наведуваат дека се подготвува таква исплата, но оти е тешко изводливо поради западните санкции кон таа земја.

Воедно Ричард побара неговата сопруга да биде ставена под дипломатска заштита, но Техеран веднаш реагираше и наведе дека таков чекор не би имал смисла, бидејќи Иран не признава двојно државјанство и за нив осудената е само иранска државјанка.