Телефонски разговор на претседателот Пендаровски со папата Франциск
Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари телефонски разговор со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, при што изрази жалење затоа што поради пандемијата на КОВИД-19 не се реализираше неговата посета на Ватикан по повод чествувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и не беше остварена средбата со Неговата Светост.
Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, во телефонскиот разговор биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу земјава и Ватикан, кои се пријателски и се базираат врз значајни историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции.
– Истакнувајќи ја историската важност на минатогодишната посета на Папата Франциск на Република Македонија, претседателот Пендаровски посочи на интересот на нашата држава за продлабочување на врските со Светиот Престол во сите сфери од заемен интерес. Во тој контекст претседателот Пендаровски го истакна придонесот на католичката заедница во Македонија како во градењето на односите со Светиот Престол, така и во севкупните меѓурелигиски односи во земјата, се наведува во соопштението.
Покрај останатото, двајцата соговорници размениле и информации за актуелната состојба поврзана со пандемијата на КОВИД-19.
Претседателот Пендаровски оддаде признание за улогата на папата Франциск во охрабрување на луѓето и нациите и поттикнувањето на солидарноста како клучен елемент за заедничка борба против пандемијата и последиците од неа. Претседателот Пендаровски го истакна и големиот придонес на Неговата Светост за глобалните прашања што нè засегаат сите, како што се мирот, борбата против сиромаштијата, хуманото постапување со бегалците и мигрантите, климатските промени и животната средина, се додава во соопштението.
Ново на Сител
-
Тројца приведени за убиството на матичниот доктор кај поликлиниката Железара – мотивот се уште непознат
-
Трет ден потрага по Данка, родителите повторно во станица
-
Предизборно финале – партиите ги финализираат листите
-
Стариот парламент ќе инаугурира нов шеф на државата - конститутивна седница за новите пратеници на 28 мај
-
ОЛАФ бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра - злоупотребени пари од Еразмус плус
-
ССМ најавува серија протести, работниците излегуваат на улица
-
Штипските пензионери повторно на протест
-
Глобалниот минимален данок од 15% - закана за 50-тина компании кои работат во зоните кај нас