Македонија
9. January 2023 - 16:31

Телефонски разговор Ковачевски - Зеленски

И премиерот Ковачевски најавува посета на Украина и континуирана помош и поддршка. Во првиот телефонски разговор со Зеленски по стартот на војната, македонскиот премиер посочил дека ќе ја искористи и улогата на ОБСЕ за да придонесе за прекин на војната.

Ја пренесов поддршката за украинскиот народ во воената агресија која Русија ја врши врз Украина. Како НАТО членка ќе продолжиме со поддршка.

Пренесов и дека како премиер на земја претседавач со ОБСЕ ќе ја посетам Украина, напиша Ковачевски на твитер.

Разговорот го потврди и украинскиот претседател.

„Имав суштински разговор со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, на почетокот на претседавањето со ОБСЕ на Северна Македонија. Разговаравме за ризиците од ескалација на фронтот, натамошната одбранбена соработка и продлабочување на односите меѓу нашите земји“, пишува Зеленски.

Земјава досега во повеќе наврати испрати воени средства и опрема според барањата и потребите на Украина. Покрај воена испратени беа и над 20 тони хуманитарна помош, во вид на храна, лекови и хигиенски средства.