Бизнис
22. April 2019 - 22:39

Текстилците и натаму предмет на најчести кршења на работничките права

Не престанува големото кршење на правата на текстилните работници во Македонија. Од инспекторатот за труд велат дека секојдневно имаат пријави од страна на работниците. Се изрекувале и казни за работодавачите, но се уште голем дел од текстилците работеле на црно, без соодветни услови, без право на годишен одмор и без исплата на К-15.

„Работодавачите ги држат работниците непријавени, без договор, без да ги осигураат во задолжително социјално осигурување, ги држат на работа подолго од полното работно време, не им овозможуваат користење на годишен одмор, а многу често и на неделен и дневен одмор“, истакна Моника Митревска Костовска, државен инспектор за труд.

На оваа тема во Прилеп се одржа трибина како дел од проектот „Не биди роб, информирај се за своите работнички права“.Но за жал иако поканети ниту една текстилна компанија од Прилеп не присуствуваше на дебата да разговараат за работничките права.

„Текстилните компании во општина Прилеп воопшто не сакаат да се вклучат во овие процеси беидејќи се плашат од државниот инспекторат за труд, но нормално дека не треба да се плашат, тоа е со цел подобрување на правата на работниците, а исто така и за подобрување на нивните услови, кои што би конкурирале на европските фондови кои се дел од ИПА фондовите, а исто така кои што даваат голема поддршка и ЕУ во процесите на интеграција на малите и средните претпријатија“, вели Рубинчо Аризанкоски, здружение „Достоинствен работник“.

Од текстилниот кластер пак посочија дека не биле во можност сега да ја покачат минималната плата затоа бараат субвенции од државата.

„Сметаме дека дали со соодветна субвенција во делот на извозот или во делот на покривање на дел од придонесите од страна на државата, како што се праваше во делот на странските инвестиции, заеднички да се најде начин да таа плата биде покачени за текстилните работници“, изјави Наташа Сивевска, извршен директор на текстилниот кластер.

Во Македонија се регистрирани околу 30.000 текстилни работници, а на голем дел од нив секојдневно им се кршат основните работниички права.