Џет-Сет
27. August 2019 - 21:07

Тејлор Свифт ја освои главната награда на MTВ Видео музички награди

Забележителната кариера на Миси Елиот, раперка, пејачка, текстописец, продуцент и танчерка, чии спотови го придвижија музичкиот свет во последните две децении, доби признание за својата креативност на MTВ Музички и видео награди за 2019 година, каде Тејлор Свифт ја освои главната награда со својата геј песна „You Need to Calm Down“.

Елиот (48), на синоќешната церемонија во центарот Пруденшал во Њуарк, во американската држава Њу Џерси, ја доби наградата „Мајкл Џексон видео вангард“.

– Работев напорно две децении и никогаш не мислев дека ќе застанам тука и ќе ја добијам оваа награда, рече Елиот.

Наградата ја посвети на танчерската заедница и рече дека нејзините музички видео инспирации биле Џенет Џексон, Мадона, Питер Габриел и Баста Рајмс.

Тејлор Свифт ја освои наградата видео на годината со песната „You Need to Calm Down“, со која ја отвори вечерта на доделувањето на наградите, а подоцна ја испеа и баладата „Lover“, насловна песна од нејзиниот албум, објавен во петокот.

Во видеото, во кое Свифт ги повикува хомофобите и тие кои ја мразат, се појавуваат повеќе познати ликови, меѓу кои Елен Деџенерис, Лаверн Кокс, Ру Пол и бендот Квир Аја (Queer Eye).

Свифт синоќа освои три награди, со кои, заедно со Аријана Гранде и Били Ејлиш, имаше најмногу победи на вечерта.

Аријана Гранде е именувана за уметничка на годината, а Били Ејлиш е наградена за најдобра нова уметничка. Таа синоќа не присуствуваше на церемонијата.