Македонија
8. January 2020 - 16:48

Техничкиот персонал во здравството доби 5% покачување на плата, административците најавуваат нови протести

Иако бараа 10 проценти по два протести помошниот технички персонал во здравството успеа да издејствува поголеми плати за 5 отсто. Од февруари болничарите, возачите и останатиот помошен кадар ќе добиваат од 800 до 1200 денари повеќе на нивните сметки. Без покачување остана само здравствената администрација, правници и економисти. Филипче тврди дека не можело да бидат изземени од останатата администрација.

- Покренуваме процес, доколку е можно, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, во следниот период ако има зголемување на платите во целиот сектор, зголемување да добие и адмистрацијата која работи во здравството, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

- Многу сме задоволни што успеавме за помошно-техничкиот персонал да се зголемат платите. Во понатомашниот период, остануваме да се бориме за административниот персонал, наш, здравствен, и нашиот административен персонал да се изземе во однос на специификата на работата од останатиот административен персонал, изјави Горан Беговиќ, Претседателот на Синдикатот на Клинички центар.

Координативното тело на здравствената администрација најави тужби и нови протести.

- Заради дискриминаторен однос од страна на Министерствотто за здравство; Самостојниот синдикат на вработените  воУниверзитетските клиники, центри, Клинички болници, и други Јавни здравствени установи и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита  кон административниот здравствен персонал и потпишувањето на штетниот и неуставен Колективен договор за здравствена дејност, Ви највуваме дека ќе поднесеме тужба, иницијатива до Уставен суд и се прават подготовки за изразување на нашето незадоволство преку протест, се вели во нивната реакција. 

Од околу 20.000 вработени во здравството 1.700-тини се администрација. Останатите 18.300 лекари, сестри и помошен персонал ќе добијат покачување на платите од 5 до 25 проценти. Со ова лекар специјалист со дежурства стигува до 100.000 денари месечни приходи.

- Лекарите специјалисти на основата нето плата ќе добијат од 9.200 до 12.000 денари, а лекарите од општа медицина ќе добијат од 4.200 до 4.600 денари на нето основната плата. Зголемувањето кај медицинските сестри со средно образование ќе изнесува од 1.800 до 2.200 денари, сестрите со високо образование ќе добијат од 2.600 до три илјади денари на основната нето плата., изјави Љубиша Каранфиловски, Претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

Колективниот договор министерството и синдикатите го потпишале пред формирањето на техничката Влада, а за зголемување на платите во здравството издвоени се 18 милиони евра.