Свет
9. April 2021 - 17:55

Тедрос: Постои „шокантна нерамнотежа“ во дистрибуцијата на вакцините низ светот

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска изјави дека постои „шокантна нерамнотежа“ во дистрибуцијата на вакцините против Ковид-19 низ целиот свет.

Според него, повеќето земји немаат доволно вакцини за да ги покријат ризичните групи.

– Во просек, во земјите со високи примања, речиси едно од четири лица примиле вакцина против Ковид -19. Во земјите со ниски примања, тоа е една од над 500, нагласи директорот на СЗО на прес-конференција.

Тој вели дека досега се дадени повеќе од 700 милиони дози вакцини ширум светот, но 87 проценти од тој број се наменети за земји со висок и среден приход, додека земјите со ниски примања добија само 0,2 проценти од дозите.

Здружението за вакцини ГАВИ и СЗО денеска објавија дека шест недели по почетокот на дистрибуцијата на вакцините преку механизмот КОВАКС биле испорачани 38,4 милиони дози во 102 земји на шест континенти.