Свет
22. February 2021 - 18:42

Тедрос ги повика богатите земји да не ја нарушуваат Ковакс програмата

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус денеска ги повика богатите земји,  пред да нарачаат дополнителни вакцини против Ковид-19 за себе, да проверат дали тоа ги нарушува напорите за доставување вакцини во сиромашните земји.

Богатите земји имаат неколку милијарди дози вакцини, додека некои земји во развој имаат малку или воопшто немаат вакцини.

Европските земји обезбедија финансиска поддршка за Ковакс програмата, која ги поддржува Обединетите нации за обезбедување вакцини на најзагрозените во светот и размислува за дистрибуција на одредени дози од сопствените вакцини, иако не прецизираат кога.

Тедрос им се заблагодари на членките на Г7 за значајните ветувања, но, по разговорите со германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер, рече дека дури и да имате пари, ако не можете да ги користите за да купите вакцини, тоа што ги имате не значи ништо.

Тој изјави дека некои богати земји стапуваат во контакт со производителите со цел да обезбедат повеќе вакцини, што влијае на договорите со Ковакс, па дури и дека количината на вакцини доделени на Ковакс е намалена поради тоа.

Тедрос не ги именуваше тие земји, ниту даде други детали.

Тој посочи дека богатите земји треба да ги почитуваат договорите од Ковакс и да се уверат, пред да побараат повеќе вакцини, нивните барања да не ги нарушат тие договори.