Македонија
7. August 2020 - 12:54

Течат преговорите за формирање на новата Влада

Седум дена пред истекот на рокот во кој Претседателот Стево Пендаровски треба да го додели мандатот за формирање на новата Влада се што може да се добие како информација од политичките партии е дека разговорите се во тек.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи вчера за сител потврди дека неговата партија води разговори со СДСМ но истовремено не исклучи преговори и со останатите партии. Тој потенцираше дека во моментов со СДСМ прават напори да ги надминат разликите кои се јавија во предизборниот период за да може да се стават конкретните барања на маса.

Нови детали не откриваат ни од Бихаќка. Од партијата во писмено соопштение испратено утрово, кое пак воопшто не се разликува од оние кои ги испраќаат во последните неколку дена, велат дека водат сериозни преговори кои треба да резултираат со стабилно мнозинство но не прецизираат со кои партии планираат да дојдат до него.

СДСМ започна сериозни, темелни преговори со претседатели и високи претставници политички партии кои се дел од новиот собраниски состав, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата.
Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или каков било национализам – се вели во писменото соопштение на СДСМ.

И од ВМРО-ДПМНЕ нема никакви информации поврзани со преговарачкиот процес. Се што може да се чуе е повторување на формулацијата дека се водат разговори со сите партии но дека до овој момент нема информации кои би можеле да се споделат во јавност.

Рокот за доделување на мандатот на новиот мандатар истекува во петок. Претседателот Пендаровски веќе најави дека ќе му го додели на оној кандидат кој ќе му обезбеди докази дека собрал 61 пратенички глас во Собранието. Согласно Уставот, по добивањето на мандатот новиот мандатар има рок од 20 дена да ја формира новата Влада и предлогот да му го достави на Собранието кое треба во рок од 15 дена да закаже седница. Седницата во согласност со собранискиот Деловник може да трае најмногу два дена а гласањето да се случи вториот ден пред полноќ, доколку претходно не се исцрпи листата на пратеници пријавени за дискусија.