Македонија
24. November 2018 - 13:26

Тажна вест: Почина скулпторот Боро Митриќески

Денеска почина академик Боро Митриќески, еден од великаните  на македонското вајарство.

Митриќески, како што е наведено во соопштението од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) припаѓа на третата генерација на македонските ликовни уметници, што внесе радикални промени во македонското пластично творештво, доближувајќи го него до најзначајните актуелни токови на современото европско и американско скулпторство, при што неговата улога е апсолутно доминантна, во неговите остварени портрети, монументални скулптури и композиции што претставуваат трајна вредност во македонската скулптура во изминатите шест децении.

Роден во Прилеп на 10 мај 1927 година, откако првите сознанија за вајарството ги добива од академикот Димо Тодоровски, студира на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во  класата на врвни вајари. По дипломирањето работи како ликовен педагог, академикот бил директор на Уметничката галерија „Даут Пашин амам“. Во својата богата творечка кариера академик Боро Митриќески има реализирано над 350 дела како фигури, актови, композиции, торза, потоа портрети и друго.

Треба посебно да се нагласат изведените десет споменика и спомен обележја, меѓу кои и: ,,Железара’’, скулптура во метал, Скопје, Споменик „Кирил и Методиј“, бронза Скопје, споменик „Карпош’’, мермер Кратово, споменик НОБ Делчево, фонтана „Дојран’’, Дојран и други.

Академик Митриќески е запаметен и по големото мајсторство во уметноста на портретите во скулптура. Личност која освен на нашите простори, тој пошироко успева не само да проникне во карактерот и психолошкиот израз на личноста, туку успева да изнајде скулптурен израз, со нагласен лиризам и мекотија, што ја следат структурата на материјалот. На еден посебен начин ги овековечува во своите портрети ликовите на Блаже Конески, Лазар Личеноски, Петар Мазев и други. Академикот Митриќески се инспирира и од поблиската и подалечна национална историја, и тоа скулптурите и релјефите портрети на преродбениците, особено  портретот и фигурата  на Марко Цепенков.

Митриќески е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои и државана награда ,,11 Октомври’’, наградата„ и „Нерешки мајстори“. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 јули 1997 година.

Погребот на академик Боро Митриќески ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје на 26 ноември (понеделник) во 13 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во Капелата од 12:30 до 13 часот.

По повод смртта на академик Боро Митриќески, во Свечената сала на МАНУ ќе се одржи Комеморативна седница на 26 ноември 2018 година (понеделник) во 10 часот.