Живот
24. December 2017 - 15:05

Тажна вест: Почина познатиот македонски политиколог

 По долго и тешко боледување, утрово во својот дом во Скопје на 82-годишна возраст почина Милка Такева-Григоријевиќ, родена делчевка и една од најмаркатните женски личности во повоениот период на македонската политичка сцена и заслужен лик за развојот на Делчево во урбана општина.

Такева-Григоријевиќ е родена во 1935 година во Делчево, а од млади години е активна на политичката сцена. Во Делчево завршила основно училиште, учителска школа во Штип, а дипломирала политички науки на Универзитетот во Белград. Била една од првите жени политиколози во поранешна Југославија.

Такева-Григоријевиќ била член на градското собрание на Град Скопје, како и на општинските собранија на Центар и Гази Баба. Исто така, била и пратеник на Републичкиот собор на Собранието на РМ, каде што ги водела Одборот за здравство и социјална политика и Одборот за труд.

Од 1981 до своето пензионирање во 1992 година е делегат на Сојузниот собор на Собранието на Југославија, а од 1986-1988 година била и претседател на Сојузниот собор на Собранието на Југославија, при што во два мандата била координатор на делегатите од РМ, потпретседател на Одборот за здравство и социјална политика и член на Уставната комисија.

Активно била вклучена и во сферата на женските права, како претседател на Конференцијата за општествена активност на жените на Македонија, член на претседателството на Сојузната конференција за општествена активност на жените на Југославија, како и како потпретседател на Националниот совет на жените на Македонија (СОЖМ ).

За својата активност има добиено бројни признанија и одликувања, меѓу кои: Орден на Републиката со сребрен венец, Орден заслуги за народ, Орден за труд со златен венец, како и Плакета за безбедност и Плакета за цивилна заштита на Владата на Југославија.

Посмртните останки на Милка Такева-Григоријевиќ утре на 25.12.2017 година ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта Бутел-Скопје, во периодот од 11:30 до 12:30 ч, а погребот ќе се изврши во 12:30 часот.