Македонија
26. January 2018 - 12:50

Тажна вест: Почина познатата спикерка од МТВ, доајен на македонското спикерство

Во Скопје на 85-годишнат возраст почина Љупка Апостолова, долгогодишна спикерка и интерпретаторка на забавна музика во Македонската радио-телевизија.

Со нејзиниот впечатлив глас се препознаваа вестите и информациите кои повеќе од три децении се емитуваа, пред сè, на Македонското радио и на првите кадри на телевизијата.

Апостолова ѝ припаѓа на генерацијата на најдобрите и највпечатливи спикери, со препознатлива точност за пишаниот и говорен македонски збор. И самата обучуваше плејада на спикери и новинари, на кои им всади одговорност и чувство за мелодијата на македонскиот збор.

Љупка Апостолова е меѓу првите интерпретатори на македонските шлагери и евергрини, кои ги пееше во живо со оркестрите на РТВ и што се дел од ризницата на естрадата чии почетоци беа кон почетокот на шеесеттите.

Погребот на Апостолова ќе биде в сабота на градските гробишта во Скопје.