Балкан
20. July 2017 - 13:16

Татјана и Бојан ја оставиле работата во Холандија и дошле да чуваат овци: Ова е нивната приказна

Татјана и Бојан Шимиќевиќ дошле пред шест години од Холандија во Колут во близина на Сомбор и одлучиле да почнат да се занимаваат со земјоделство. Иако во Колут никогаш не живееле ниту пак со земјоделство некогаш се занимавале, храбро се впуштиле во новата работа и денеска се сопственици на фарма за овци од романовска раса.

Татјана е родена во Холандија и мајка и e Холанѓанка, а Бојан во Холандија пораснал. Сепак пред шест години ги оставиле работите кои ги работеле до тогаш - Татјана спортски физиотерапевт а Бојан дизајнер, одлучиле да се вратат во село во кое е роден таткото на Татјана, објавил ртв.рс.

- Ни беше необично, бидејќи од земјоделство и сточарство не знаевме ништо. Многу баравме на интернет, учевме и уште учиме. Сепак мислам дека одлуката да дојдеме тука беше права и се уште не сакам да се вратам. За мене ова е местото каде сакам да биде - вели Татјана.

Во Колут имале намера семејниот имот да го искористат за земјоделие, но многу брзо виделе дека класичното земјоделско производство не носи многу профит, па се одлучиле да чуваат овци. Почнале со шест овци од романовска раса, а денес имаат стотина.

- Ова е фарма на романовска раса овци, а тоа е најплодната овца на светот. Ние продаваме само женски грла. За сега ни оди добро. Оваа овца може да роди три јагниња и добра е за вкрстување со домашните видови поради плодноста. Една фарма бара 24 часа работа. Најмала работа е хранењето и поењето, најголема е работата на нивите каде треба да се обезбеди храна за овците - објаснува Бојан.

Само на нивите произведуваат се што им е потребно за храна на овците во текот на годината и така заокружиле еден циклус. Овци од романовска раса полека но сигурно ја освојуваат Србија, па Бојан планира да го прошири своето стадо.

- Планот ни беше 100 овци, а тоа го остваривме. Сега сакаме повеќе, но мислам дека нема да биде повеќе од 150, бидејќи за толку овци можеме да произведеме храна на нашите ниви - вели Бојан.

Помош од земјоделскиот буџет до сега немале, но оваа година се надеваат на субвенции.

Погледнете го видеото:

- Кога ние почнавме оваа раса не беше признаена во Србија. Сега е и се надеваме на субвенции - велат домаќините.

Тие се задоволни од својот живот во Колут, секојдневно учат и го усовршуваат своето производство. Слободата е она што се издвојува и е предност за животот во Колут.

Покрај Татјана и Бојан со нив се и синовите Силвио и Лука. Во домот се зборува холандски, српски и англиски.