Македонија
29. December 2015 - 18:19

Ташевска-Ременски ги посети децата во центрите во Чичино Село и Шуто Оризари

Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски денеска го посети Прифатниот центар за бездомни лица во Чичино Село и им подели пакетчиња на децата, донација  од „Франк Македонија“.

Таа разговараше со лицата сместени во Центарот, ги слушна нивните потреби и им вети дека во 2016 Министерството ќе биде посветено на подобрување на условите во центарот. 

Координиаторот на Прифатниот центар Ајтен Мустафа ја информираше Ташевска-Ременски за дневните активности на жителите и за потребата на Прифатниот центар од работници и тим да ја следи работата, како и реновирање на центарот. 

Во Прифатниот центар за бездомни лица Чичино Село се сместени  62 лица од кои 23 деца. Лицата сместени во Центарот покрај сместување добиваат три топли оброци.

Министерката Ташевска-Ременски денеска го посети и Едукативниот забавен дневен центар за деца на улица во Шуто Оризари кој Министерството за труд и социјална политика го поддржува и покрива дел од трошоците, а со него раководи Здружението за заштита на правата на децата. И на децата во овој центар, таа по повод Нова година им подели пакетчиња, донација на Дајнерс.

Ташевска-Ременски оствари работна средба со претседателот на здружението, Владимир Ортаковски, кој ја информираше за работата на дневниот центар. Ова е единствен центар кој е раководен од невладина организација. Работи веќе 10 години и во моментов го посетуваат 104 деца. Целта на центарот е да ги задоволи основните потреби на децата и да им ја подигне свеста за социјално-општествени проблеми, како што се малолетничките бракови и инцестот. хс/ 16:31