Македонија
10. November 2017 - 12:59

Таравари ветува соработка и транспарентност во работата на локалната власт

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари на брифингот со новинарите најави поголема соработка и транспарентност во работата на локалната власт. Тој соопшти и неколку новости кои се однесуваат на работата на новото раковдство.

Градоначалникот информираше дека во јавното претпријатие „Комуналец“ за вршител на должноста директор назначен е Исак Лазами, а секторот за урбанизам ќе го води тричлена екипа составена од Сефедин Билали, Ванчо Алексоски и Беким Алиу. Тоа значи дека во иднина, тројцата ќе ги потпишуваат документите што ќе ги издава секторот.

За смена на и назначување на директори на основните и средните училишта, градоначалникот Таравари нагласи дека од понеделник ќе оствари средби со наставниот кадар и од нив ќе побара да достават по три имиња, од кои градоначалникот ќе избере еден.

- Ова ќе го направам со цел да го остварам тоа што го ветив во кампањата, деполитизирање и департизирање на образованието, како област која ги засега нашите најсакани, децата, и која треба да ни обезбеди светла иднина, истакна Таравари, подвлекувајќи дека за именување на директори со полн мандат, ќе бидат објавени соодветни конкурси и ќе се следат редовните процедури.

Таравари на неформалната средба со новинарите се осврна и на конституирањето на општинскиот совет, нагласувајќи дека мнозинството веќе е обезбедено со тенденција да се прошири во блиска иднина.

- Очекуваме дека во наредните денови, ќе добиеме позитивен одговор од ДУИ во врска со свикувањето на конститутивната седница на Советот на општината. Посакувам да имаме што поширок консензус во процесот на донесување одлуки и тоа воедно да се одрази како добар пример и на национално ниво, потенцираше Таравари и додаде дека за претседател на советот ќе биде предложен носителот на советничката листа од Алијансата за Албанците, Бесим Мемеди.

Градоначалникот ги информираше новинарите дека од следната недела службата за информирање ќе започне да функционира со полн капацитет со што ќе се надминат и евентуалните недостатоци во првите денови од неговиот мандат.

- Наскоро ќе имаме консолидиран тим за односи со јавноста и дека благовремено ќе бидете информирани за сите настани што ве интересираат како новинари за да ја информирате јавноста. Пи-ар тимот ќе биде отворен за соработка и ќе имате брз пристап до сите информации со јавен карактер, истакна Таравари и додаде дека одржувањето на вакви неформални средби ќе биде редовна практика најмалку еднаш месечно.