Македонија
25. August 2017 - 16:26

Таравари: Состојбата во болницата во Штип катастрофална - Ја поддржува изградбата на новата болница

Министерот за здравство Арбен Таравари условите во штипската клиничка болницаги оцени како катастрофални. Тој во изјава пред новинарите со грозење констатира дека никогаш во неговата 20 годишна лекарска кариера не видел нешто слично на штипската болница.

- Какви се условите, не е достоинствено, не е човечки. Под секоја чест се. Вакви услови ви гарантирам дека не во Европа, во Светот нема, ниту на места каде се носат животни -изјави Арбен Таравари, министер за здравство

Единствена надеж, дека работи ќе тргнат на подобро, буди изградбата на новата болница, за која Таравари вели дека ќе ја поддржат изградбата, за што поскоро да се створат подобри услови и за персоналот и за пациентите.

 - Ќе стоиме зад овој проект, што побргу да се заврши-додаде Таравари

Во однос на дефицитот од медицински кадар, министерот изнесе податок, дека само во изминативе 4 години, над 1000 лекари заминале од Македонија. За надминување на овој проблем, министерството планира 400 специјализации на доктори од различни области кои ќе бидат платени од клиниките каде ќе работат.

- И планираме огромен број едукации надвор, кои ќе бидат бесплатни, во регионот и во Светот, со што тие ќе излезат, ќе видат како се работи таму, ќе се вратат и ќе продолжат овде да работат-изјави Таравари

Таравари најави од следната година покачување на платите не само за лекарите, туку и на сите здравствени работници.