Македонија
16. јуни 2017 - 15:27

Таравари поништи одлука за зголемување на доплатата на лековите

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција рече дека поништил одлука донесена на 26 мај од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за изменување и дополнување на одлука за утврдување референтни цени на лекови кои се на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот. Појасни дека станува збор за одлука со која од утре би се зголемила доплатата на лековите која би ја платиле граѓаните.

- Пациентите се нашиот најголем приоритет и токму поради тоа одлучив да преземам правни дејствија за поништување на оваа одлука која би имала директен и негативен ефект врз џебот на граѓаните. Со мојот тим правници веднаш преземавме конкретни мерки за поништување на решението со кое е дадена согласност за одлуката за утврдување на референтни цени на лековите кои се на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот, рече Таравари.

Тој потенцира дека еден ден пред примопредавањето поранешниот министер ја потпишал таа одлука, која е излезена во Службен весник на 9 јуни и од утре пациентите ќе требало да ги платат лековите поскапо. Додаде дека веднаш ќе преземат мерки.  

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека станува збор за голем број лекови почнувајќи од оние кои секојдневно ги користат пациентите и се на рецепт.

- Пациентот ја плаќа минималната цена. На пример ако дијазепам е пет денари, од друга фабрика е 7 денари, а од трета 10 денари. Ако пациентот земе дијазепам од пет денари не доплаќа ништо, ако земе од седум денари ќе додаде два денари, а од 10 денари ќе додаде уште пет денари. Што е направено. Спуштени се цените по еден до два денари, минималната цена и сега имаме цена од три денари. Тие што го купувале дијазепамот од седум или од 10 денари треба да доплатат уште четири односно уште седум денари. Не се работи само за лекови кои се 3,5 и 7 денари, туку има лекови кои се илјадници денари и тоа ќе влијае на џебот на пациентите, рече Таравари.

Нагласи дека ќе се договорат со Фондот и ќе видат како ќе најдат решение за тоа. 

Фирмите, појасни, имаат дадено такви цени пред година две. Според Таравари, поранешниот министер еден ден пред да си замине ја објавува одлуката за пациентите да плаќаат повеќе.

- Фондот за здравство ја плаќа најевтината цена на лекови, дополнително плаќаат пациентите. Ако се намали цената на одредени лекови, пациентите ќе доплатат од свој џеб. Подобро Фондот да ги покрие, тоа ќе биде на грбот на државата, а пациентите да не го почувствуваат тоа. Тука е целта, тука е поентата, додаде Таравари. 

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека осум години не е ревидирана Листата на лекови и веќе е оформена комисија која ќе се занимава со тоа и во скоро време ќе ги видат финансиските можности и таа ќе се ревидира.

- Во среда имавме состанок со директорите на клиниките, заедно со тимот од МојТермин и јас бев на тој состанок. Ни кажаа што мислат дека може да се коригира, веќе се преземени првите чекори и се работи во ИТ екипата на МојТермин. Секако ќе се подобри системот и за пациентите и за лекарите. Повеќе делови ќе се сменат, на пример ќе се продолжи времето на преглед на пациентот, ќе се поедностави системот, рече Таравари и додаде дека дополнително ќе информираат кога ќе излезат со новиот пакет на МојТермин.