Македонија
4. July 2017 - 16:26

Таравари најави вработување на 30 до 60 медицински сестри во ГОБ „8-ми Септември“

Најавено итно вработување на 30 до 60 медицински сестри во ГОБ 8 септември, но во установата недостига три пати повеќе ваков кадар.

Немањето доволно средно медицински персонал беше причина изминатиот период во болницата да се затвораат оделенија и операциони сали, а се зголемија и листите на чекање за хируршки интервенции кои не се итни.

-Во попладневните часови наоѓаме можност по две до три, четри операции за да се растерети утринскиот програм бидејќи тој е елективен, а попладневните и вечерните операции се ургентните состојби во кои се оперираат пациенти кои не би го зазеле местото наредниот ден. Затоа тука екипите се максимално зајакнати со тројца анестезиолози и со четири хирурзи, за да можеме утринските саати да ги растеретиме, изјави проф.д-р Сашо Стојчев, директор на ГОБ 8 септември.

Министерот Арбен Таравари проблемот со недостигот на средно медицински кадар во болницата ќе го образложел на денешната владина седница.

- Од тука одам на седница на Влада. Ќе разговарам и со министерот за финансии и со премиерот за што поскоро да го решиме проблемот. Да вработиме барем со договор на дело одредена бројка медицински сестри, со која би ја амортизирале состојбата, па понатаму да вработиме уште една група на медицински сестри за да достигнеме до оптимумот, кој што е 60 вработувања, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Покрај проблемот со персонал во ГОБ 8 септември на седницата на Влада ќе бидат разрешени медицинските директори на 4 скопски клиники и тројца економски менаџери.

На кардиологија на местото на професорот Сашко Кедев доага доктор Беким Поцеста, нефрологија ќе ја раководи  д-р Ирена Бушлетиќ, д-р Нико Беќаровски  е нов директор на  Токсикологија, а офталмологот  Беким Татеши е новиот директор на Клиниката за очни болести.