Македонија
6. April 2016 - 14:22

„Танц фест“ и годинава во Велес

Во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес и годинава од  9-ти до 21 април ќе бидат изведени дел од претставите на годинашниот „Танц фест“.

Уметничкиот директор на Велешкиот театар Васил Зафирчев денеска на прес-конференција соопшти дека ќе бидат изведени четири танцови претстави: „Стапнувајќи на земја“ - премиера  на Скопје танцов театар (9 април); „Боите на танцот“ на  Националниот балет од Измир, Турција (12 април); Strates Rualite Dance Company од Париз (19 април) и „Волшебен свет“ - премиера на Скопје танцов театар (21 април).
 
Во Велес фестивалот е под мотото „Да го промениме духот на градот“. Зафирчев е задоволен од соработката со организаторите на „Танц фест“ и со Македонската опера и балет, како и од минатогодишниот интерес на публиката за фестивалската програма.
 
- Целта како театар ни беше да им овозможиме на нашите гледачи програмска содржина која го промовира и афирмира танцот, не само современите, туку и класичните форми. Искрено сум задоволен од интересот на велешката публиката за современите форми на танц на минатогодишниот настан. И годинава очекувам уште повеќе публика, истакна  Зафирчев.