Македонија
12. јуни 2019 - 12:41

„Талир“ повторно одложен, на Груевски ќе му се суди во отсуство

Главната јавна расправа за случајот „Талир“ на СЈО е одложена за 28 јуни во 10 часот поради смрт на близок член на семејството на претставникот на правното лице ВМРО-ДПМНЕ. До тогаш обвинетите треба да го подготват нивното воведно обраќање, а Судот одлучи на обвинетиот Никола Груевски да му се суди во отсуство.

Судот донесе такво решение откако го уважи барањето поднесено од јавниот обвинител на 2 април годинава на Груевски во иднина да му се суди во отсуство, бидејќи е недостапен за органите.

На денешното рочиште бранителот на правното лице ВМРО-ДПМНЕ, адвокатот Дончо Наков побара пред да почне процесот Судот да донесе процесно решение за барањето за автентично толкување за наделжноста на СЈО поднесено до Собранието од државниот јавен обвинител во врска со начелното правно мислење донесено од Врховниот суд според кое СЈО не е надлежно да застапува обвиненија по 30 јуни 2017 година.

На тоа регираше јавниот обвинител Трајче Пеливанов од СЈО кој рече дека судот не треба да носи процесно решение и оти смета дека Судот со досегашното постапување, доставување покани и дозволување обраќања од јавите обвинители од СЈО му го признава својството на СЈО како овластен тужител.

По нивното обраќање Судот се повлече и донесе одлука да го отфрли како неоснован предлогот на адвокатот Наков и одлучи да се одржи главна јавна расправа. Судијата Осман Шабани посочи дека за Судот е несомнена надлежноста на СЈО, а начелното правно мислење е надлежно само за Врховниот суд.

Предметот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ за кое се обвинети Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.

Првото рочиште за случајот Талир се одржа на 18 февруари годинава, но судскиот процес се уште се наоѓа на почеток и веќе неколку месеци се одложува поради неприсуство на некој од обвинетите или Судскиот совет, но и менување на бранителите и застапниците на ВМРО-ДПМНЕ, како и барање за автентично толкување на став од Законот за СЈО.