Бизнис
28. March 2019 - 19:30

Таксистите се закануваат со протести ако не се стави ред во нивната работа

Таксистите ќе излезат на протести ако надлежните не ги разгледаат нивните барања. Повикуваат на итна средба со премиерот, министерот за транспорт и градоначалникот на Скопје. Бараат ревизија на такси станиците, решавање на проблемот со дивите превозници, почести контроли од сите инспекциски служби, како и воведување опомена и пониски казни.

Таксистите бараат да се отфрли жолтата табличка бидејќи поради несредените меѓународни договори тие не може да возат надвор од земјава.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека ќе ги разгледаат барањата и ќе се сретнат со Синдикатот, со цел да се види дали и во кој дел има можност законски да се интервенира. Оттаму потенцираат дека токму по барање на такси превозниците беа воведени жолтите таблички, преку измена на законот, чие отфрлање сега е дел од барањата на Синдикатот. Во врска со лиценците, од Транспорт велат дека задолжителен е сертификат за авто-такси возачи, што значи дека таксистите по автоматизам се лиценцирани.

До подготвување на прилогот од град Скопје не одговорија на нашите прашања.

Доколку за десетина дена не се сретнат со надлежните таксистите најавуваат блокади на скопските улици.

Мирјана Јовеска