Свет
24. May 2017 - 17:56

Тајмс: Нападот во Манчестер можеби има „либиска врска“

Терористичкиот напад во Манчестер, од понеделникот доцна навечер, во кој беа убиени 22 лица, 64 се повредени, меѓу кои 20 лица критично, а уште десетмина други се водат како исчезнати, можеби не е дело на осамен џихадист, туку дека е плод на поширока операција која има либиски врски, пишува лондонски „Тајмс“.

Полицијата и безбедносните агенции знаат дека бомбашот-самоубиц Салман Абеди престојувал во Либија извесно време оваа година и дека во Британија и во Манчестер се вратил само неколку денови пред да го изврши нападот.

Еден негов близок пријател, потврил за властите, дека Абеди бил во Либија и дека се вратил пред извесно време, па безбедносните агенции сега настојуваат да утврдат што правел во земјата на неговите родители, како и каде престојувал.

Според весникот, постојат основани сомнежи дека бомбашот-самоубиец бил на обука во некои од камповите и центрите за обука на џихадисти за извршување терористички напади, каде главно се учи како да се направи и активира бомба или експлозивна направа.

Вакви тренинг центри постојат на либиската територија, по насилното соборување на Моамер Гадафи, уредени од страна на разните исламистички милиции, како и од на Ал Каеда и на Исламска држава кои во Либија наоѓаат прибежиште во отсуството на централна власт и обезбедни и чувани граници.

Британското контраразузнавање имало сознанија за Абеди, за неговата силна поврзаност за религијата и за постојаното радикализирање, уште повеќе што се родил и израснал во Манчестер, во семејство кое било мошне религиозно, за кое се вели дека имигрирале од Либија несогласувајќи се со власта на Гадафи.

Од британските тајни служби тој бил третиран како „периферна личност“ и против Абеди никогаш не била покрената каква било истрага.

„Тајмс“ проценува дека тој не дејствувал сам во нападот, во кој најголемиот број од жртвите се помлади и од него и се повеќе деца отколку повозрасни тинејџери, како и дека неговиот престој во Либија не е случаен.

Безбедносен извор рекол за весникот дека досегашните откритија на експлозивната направа која уби и осакати толку многу млади луге, е пософистицирана и содржи работи за кои се проценува дека неможе да ги направи , тајно дома, еден 22-годишен радикализиран исламист, без помош и соработка од надвор.

Весникот пишува дека Салман Абеди остро се спротивставувал на секаква осуда на џихадистите од ИД и на либиската салафистичка исламска милиција Ансар ал Шарија, една од најрадикалните на исламистичкиот фронт во оваа северноафриканска земја.