Свет
17. April 2017 - 14:48

„Тајм“: Филипинскиот претседател е највлијателниот човек во светот

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте се наоѓа на прво место на листата на стоте највлијателни луѓе во светот според интернет читателите на списанието „Тајм“.

Официјалниот список „Тајм 100“ ќе биде објавен в четврток.

Дутерте, кој стапи на должност на 30 јуни минатата година, освои пет проценти од гласовите на читателите, а по него следуваат канадскиот премиер Џастин Трудо, папата Франциско, Бил Гејтс и Марк Цукерберг со по три отсто.

Според Ернесто Абеља, портпаролот на Дутерте, Филипинците и светските лидери изразуваат воодушевување кон Дутерте бидејќи го поставил јавниот интерес на прво место.

- Со или без тоа признание, претседателот и понатаму е трудољубив владин службеник и верен слуга на филипинскиот народ, истакна Абеља.