Свет
4. March 2016 - 10:41

Тајландскиот премиер Прајут побара посериозна соработка од медиумите

Тајландскиот премиер, генерал Прајут Кан-ока денеска на повеќечасовна прес-конференција во Бангкок побара од медиумите посериозна соработка со власта. Генералот Прајут, кој беше на чело на воениот удар во Тајланд во мај 2014 година смета дека медиумите даваат преголем простор на поранешните политичари поради чие однесување државата беше во криза која го предизвика воениот удар. Прајут особено апелираше новинарите да не им даваат толку простор на поранешните политичари кои, за да избегнат евентуално судење, комотно живеат во странство и без последици по себе „продаваат памет“.

Генералот Прајут повтори дека и во вонредната состојба во која сега е Тајланд не е ограничена слободата на медиумите. Меѓутоа, смета тој, во медиумите се почесто се пренесуваат ставови на поранешните политичари со кои се тврди дека чекорите за враќање на демократијата не се ефикасни. Тоа, според него се неосновани шпекулации и должност на новинарите е, доколку ги пренесуваат тие ставови, да побараат и второ мислење, а уште подобро би било новинарите тие тези да ги споредат со сопствените ставови и искуства.

Најжесток критичар на сегашните власти во Тајланд е поранешниот премиер Такшин Шинаватра, кој од 2012 година ја напуштил државата. Такшин е брат на последната граѓанска премиерка Јинглук Шинаватра која има забрана за активно учество во политиката. Јинглук е казнета на петгодишна апстиненција од политиката поради негрижата при спроведувањето на шемата за субвенционирање на производството на ориз, при што државниот буџет бил оштетен за над 20 милијарди долари.