Свет
4. November 2015 - 11:59

Тајландскиот премиер најавува можно продолжување на воената управа

Актуелниот тајландски премиер, генералот во пензија Прајут Кан-ока по вчерашниот состанок на петте тела, кои по воениот удар од мај минатата година ја имаат политичката власт во државата, изјави дека нема да дозволи државата повторно да се врати на работ на катастрофата, поради што и армијата интервенираше.

Прајут ваквиот став на новинарите им го пренесе по побод зачестените најави дека во Тајланд, но и вон неговите граници симпатизерите на симнатата премиерка Јинглук Шинаватра, планираат протестни собири со барање во државата што поскоро да се врати цивилната управа.

Прајут Кан-ока, кој ја има и поддршката на ројалистите и влијателното кралско семејство, најави дека иако тоа лично не го посакува, ќе остане на власт се додека постои опасност во државата да се обноват крвавите судири на спротиставените политички партии.

Во пресметките меѓу поддржувачите и противниците на последната премиерка Шинаватра во Бангкок и другите градови во 2012 и 2013 година имаше неколку стотици жртви и тешко повредени лица.

По воведувањто на воената управа и законот за вонредна состојба државите од Европската Унија и САД ги замрзнаа односите со Тајланд. Прајут, наведувајќи го зголемениот број странски туристи за над 1.5 милион во однос на 2013 година и податокот дека штандот на Тајланд на Светската изложба во Италија го посетиле над 2,5 милиони лица, смета дека и без поддршка на поранешните сојузници Сијамското царство е држава која се почитува.