Свет
21. December 2015 - 13:19

Тајланд под закана дека ќе биде бојкотиран извозот на риба во ЕУ, САД и Австралија

Поради обвинувањата дека рибарската индустрија во Тајланд во ловот и преработката на риби и ракови користи голем број малолетници, а уште повеќе илегални работници од странство, на Тајланд му се заканува бојкот од страна на ЕУ САД и Австралија. Најгласни во барањата се претставници на ЕУ од Шпанија и Велика Британија, кои имаат и голема медиумска поддршка во нивните држави. Според нив, во јануари може да се очекува забрана за продажба на риби и ракови во повеќе држави.

Индустријата за лов и преработка на риби и ракови во Тајланд годишно остварува над 9,5 милијарди долари од извоз на конзервирани и смрзнати риби и ракови и евентуалното ембарго би имало директно влијание и на вкупниот БДП на државата. Овој сектор, спореден со вредноста на извозот е на трето место, по извозот на текстил и електронска опрема.

Тајландските власти од април годинава, кога почна меѓународната кампања за воведување на бојкот на тајландските производи од морето, извршиле инспекции на стотина фабрики и бродови од рибарската дејност, а само една е затворена поради користење на работници како робје.

Претставниците на рибарската индустрија од Тајланд тврдат дека тие се „колатерална жртва’’ на воведувањето на воената управа во мај минатата година, по што токму државите што се закануваат со бојкот ги сведоа политичките и економските односи со Тајланд на најниско ниво. Покрај политиката, сметаат тие, барањата за бојкот се поттикнуваат и од конкуренцијата, бидејки тајландските риби и ракови, поради квалитетот, на меѓународниот пазар имаат повисоки цени..

Австралија денеска соопшти дека се откажува од намерата да даде „црвен картон“ за тајландските рибарски производи. Според Канбера, иако Тајланд не направил многу за да го укине нехуманиот однос кон ангажираните деца и странски работници, државата годинава станала лидер во спречувањето на илегалната трговија со луѓе во југоисточна Азија.