Живот
17. May 2016 - 12:22

Тајланд го затвора за туристи островот Кох Тачај

Тајландските власти одлучија да го затворат за посетители островот Кох Тачај, тврдејќи дека масовниот туризам негативно се одразува врз неговите природни ресурси и врз животната средина.

Островот е дел од големиот Национален парк „Симилан“.

Според весникот „Бангкок Пост“ сите главни национални паркови во Тајланд, се затворени за посетители во време на сезоната на монсуните, што трае од средината на мај, до средината на октомври, но дека годинава, Кох Тачај нема да биде одново отворен.

Островот е популарна дестинација за туристите и посебно за нуркачите. Во одлуката за затворање на островот се вели дека делови од него, сепак, ке бидат отворени и достапни за нуркање.

Домашни експерти ја оправдуваат одлуката на владата во Бангкок, објаснувајќи дека масовната посетеност на Кох Тачај би можела да биде погубна за него.

- Плажата на островот, нормално, може да прими 70 луѓе, но на неа понекогаш се собираат и до илјада посетители, кои носат со себе храна и доаѓаат до таму со разни бротчиња, вели еден од експертите.

Тајлад е популарна дестинација за туристите од целиот свет и во оваа земја годишно доаѓаат по десетици милиони гости. Најголем интерес постои за тајландските плажи и за островите.