Балкан
7. May 2020 - 15:19

Тахири: ПДК ќе го исклучи од партијата секој кој ќе гласа за новата косовска Влада

Пратеникот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК) Абељард Тахири вели дека никој од неговите партиски колеги нема да гласа за новата влада која може да ја формира коалицијата предводена од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и нивниот кандидат за премиер Авдулах Хоти.

Тахири во емисијата „Интерактив“ на КТВ ја пренесе пораката на партискиот лидер Кадри Весели и одлуката на Претседателството на ПДК дека тој што ќе гласа за новата влада на Хоти ќе биде исклучен од партијата.

– Кај нас е јасна работата, статутот е јасен, секој пратеник кој гласа спротивно на ПДК не може да биде веќе дел од нашата пратеничка група, а ние имаме јасна одлука во никакви околности да не гласаме за владата на Хоти, изјави Тахири.

Тој додаде дека ПДК има своја опозициска агенда, односно дека се залага за нови избори веднаш штом се создадат услови за тоа.

– Во моментот кога ќе се прогласи победа во борбата со Ковид-19, сметаме дека нема причини да продолжи таа влада, рече Тахири, изразувајќи уверување дека ПДК ќе ги обезбеди потребните гласови за нејзино уривање и за прогласување предвремени избори.

На 25 март, на иницијатива на ЛДК беше изгласана недоверба на владата предводена од лидерот на Движењето самоопределување (ВВ) Албин Курти, по што, на 30 април, претседателот на државата Хашим Тачи го додели мандатот за формирање нова влада на ЛДК и нејзиниот кадидат за премиер, Хоти.

Истиот ден кога му беше доделен мандатот на Хоти, ВВ поднесе барање за оценка на уставноста на одлуката на Тачи, по што Уставниот суд наредниот ден, на 1 мај, донесе времена мерка за суспендирање до 29 мај на дејствијата во правец на формирање нова влада.