Балкан
8. August 2018 - 15:51

Тахири: Доколку се овтори прашањето за границите нема да ги заборавиме Албанците од Македонија и од Црна Гора

- Поранешната косовска министерка Едита Тахири, која ја предводеше делегацијата на Косово во дијалогот со Србија, за тиранската телевизија „Ора њуз“ изјави дека е против идејата на претседателот Хашим Тачи за размена на територии со Србија.

Сепак доколку тоа се случи, според неа, тогаш „албанските граници се дури до Ниш“.

- Размената на територии или било која поделба не е опција и треба да се отфрли бидејќи тие носат војни. Не може да има промена на граници во Косово или на Балканот во други форми освен со војна. Косово е независна и суверена држава и ова прашање е завршено и покрај тоа што Србија живее со хегемонистички илузии, истакна Тахири.

Таа посочува дека Косово и сите Албанци во пресуден момент се единствени.

- Ние, Косово и Албанците во време на големи одлуки не се караме, туку сме единствени. Отсекогаш сме го наоѓале патот. Претседателот излезе со предлог кого целосно го отфрли целокупниот политички спектар. Во дијалогот со Србија, во вакви случаи, разговорите се прават со делегации како што беше во Рамбује, во Виена, додаде Тахири.

Доколку се отвори темата за границите на Балканот, посочува Тахири, Албанците се поготвени.

- Не можеме делумно да ги решиме работите и да останат Албанците од Македонија и од Црна Гора надвор од границите. Запомнете дека кога го поставивме проектот за независност, одлучивме во согласност со нив. Албанците од Прешевската Долина, од Македонија и од Црна Гора се согласија. Ова е национално прашање, им припаѓа на сите, вклучувајќи ја и Албанија, посочи Тахири.

Таа оцени дека прашањето за менување на границите претставува опасност не само за дестабилизација на Косово туку и на регионот, дека во Косово се води жестока дебата по предлозите на претседателот Тачи, кој според неа треба да се однесува според неговите уставни надлежности.

- Повеќе од било кој лидер во Косово, претседателот е оној кој треба да ја заштити државата, нејзините граници и суверенитет. Но, ова е демократска дебата. Неговиот предлог се соочи со целосно политичко и институционално отфрлање. Јас, исто така, како поранешен главен преговарач, но исто така и како еден од главните водачи за независноста, силно се противам на тоа и мислам дека Србија треба да го признае Косово. Косово даде многу, направи многу компромиси, па дури на српското малцинство со пакетот на Ахтисари, му даде права над секој стандрад. Ние направивме компромиси, не може да се оди повеќе од Ахтисари. Сега е време Србија да го признае Косово и да се врати во држава што придонесува за мирот, а не да излегува со воинствени идеи и да служи на агендата на Русија, оцени Тахири.

Таа додаде дека Србија единствено ја интересира создавањето Голема Србија.

- Србија единствено е загрижена за тоа како да се создаде Голема Србија, како што ја подели Босна, сега има за цел тоа да го направи со Косово. Ова прашање не може да се постигне, бидејќи ние го заштититвме Косово 100 години, дури и кога имавме огромно угнетувања, прогон и протерување, станавме независни и повторно ќе го браниме, заклучи Тахири, поранешна косовска министерка и екс главен косовски преговарач во дијалогот помеѓу Белград и Приштина.