Балкан
18. December 2018 - 19:45

Тачи за писмото од Трамп: Наша обврска е да одговориме позитивно на барањата од САД

Косовскиот претседател Хашим Тачи, по писмото што го прими денеска од американскиот претседател Доналд Трамп, порача дека е обврска на Косово „позитивно да одговори на пријателските барања кои му доаѓаат од САД“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Едно такво „пријателско, но воедно мошне сериозно барање“, напиша Тачи на својот Фејсбук, денеска му е „директно упатено од претседателот на САД Доналд Трамп“.

– Слободата и независноста на Косово се резултат на нашата праведна војна и на поддршката од нашите стратешки сојузници. Остварувањето на нашите цели за зачленување во НАТО, ЕУ и ОН е невозможно без постојаната поддршка од меѓународната заедница. Косово е благословено што ја има непоколебливата поддршка од САД и американскиот народ. Соработката и нашето пријателство се постојани и обострани. Меѓутоа, ние треба да знаеме да го чуваме и јакнеме ова партнерство, напиша Тачи на својот Фејсбук, каде што го објави писмото од Трамп.

Американскиот претседател во писмото до Тачи бара тој и другите косовски лидери да се обединат и да ја искористат „оваа ретка можност за постигнување сеопфатен мир со Србија“.

Трамп во неговото писмо до Тачи нагласува дека „Косово е клучниот партнер“ на САД во нивните напори „за гарантирање на мирот и стабилноста во цела Европа“

– Неуспехот да се стекне корист од оваа ретка можност би претставувал трагично назадување, бидејќи една друга можност за постигнување сеопфатен мировен договор тешко дека ќе се укаже во догледно време, се вели во писмото на американскиот претседател.