Балкан
9. јуни 2019 - 13:53

Тачи: Пред 20 години Милошевиќ и неговата војска се предадоа пред НАТО

Косовскиот претседател Хашим Тачи преку објава на Фејсбук го спомена времето кога, на денешен ден, пред 20 години, во Куманово беше потпишан воено-техничкиот договор за полекување на српската војска и полиција од Косово и крај на воздушните напади на НАТО врз тогашна СР Југославија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кумановскиот договор, вели Тачи, значеше предавање на тогашниот српски лидер Слободан Милошевиѓ и неговата војска пред силите на Алијансата, „крај на геноцидот и  мир и почеток на новиот живот во слобода и еднаквост“ за народот на Косово.

– На денешен ден, пред 20 години, Милошевиќ и неговата војска се предадоа пред НАТО. Кумановскиот договор значи ослободување, крај на геноцидот, мир и почеток на новиот живот во слобода и еднаквост за нас. Беш долго и тешко, но гордо патешествие за обнова на нашата земја и нашето општество, напиша Тачи.

Косовскиот претседател им оддава признание на сите кои поднесоа жртви „за да ја претворат во реалност“ независноста на Косово.

– Со најголема почит ја споменуваме секоја жртва на секоја нација која се приклучи на НАТО во оваа праведна борба. Со болка, но секогаш со гордеење за нивното јунаштво, ги споменуваме и сите кои загинаа за да го претворат во реалност нашиот сон. Вечно сме им благодарни, напиша Тачи.

Воено-техничкиот договор, со кој се стави крај на војната во Косово, на 9 јуни 1999 година во Куманово го потпишаа британскиот генерал Мајкл Џексон од името на НАТО и генералите на војската на Југославија и на српската полиција, Светозар Марјановиќ и Обрад Стевановиќ. Ден подоцна беше усвоена Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, по што веднаш започна распоредувањето на меѓународние воени сили КФОР во Косово.