Балкан
11. May 2017 - 18:30

Тачи и Нишани: Албанците никогаш не биле поединствени

Косовскиот претседател Хашим Тачи и неговиот албански колега во заминување Бујар Нишани, кој престојува во тридневна посета на Косово, оценија дека Албанците никогаш не биле поединствени од колку сега, независно каде и да се - во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Прешевската Долина или во дијаспората.

Според Тачи, како што јави дописникот на МИА, Албанците никогаш во историјата не биле поединствени од сега, со многу повеќе комункација и блискост, бидејќи тие имаат заедничка евро-атлантска ориентација, каде и да живеат во регионот.

- Албанските политичари и партии во регионов, колку и да се различни треба да имаат идентична цел, а тоа е европска Албанија, европско Косово и европска Македонија. Афирмацијата на сите Албанци треба да биде во духот на мирот и стабилноста во регионов, посочи Тачи по средбата со Нишани на која му врачи „Орден на слободата“.

Според него, за „Голема Албанија“ во овој миг најмногу зборуваат белградските медиуми и фукционерите во Белград.

- Голема Албанија, се споменува во Белград а не во Тирана или во Приштина. Тоа не е ништо друго туку игра на Србија за да создаде паника и немири на Балканот. Тоа го прават за да ги обвинат Албанците и да ја оправдаат сопствената деструктивност во Косово, Босна и целиот западен Балакан, изјави Тачи.

Примајќи го одлкуваето и заблагодарувајќи му се на Тачи, Нишани оцени дека „слободата е најнезаменлива димензија за еден народ“.