Балкан
15. April 2019 - 10:30

Тачи: Договор со Белград е можен уште во текот на годинава

Договор меѓу Приштина и Белград е можен уште во текот на оваа година и покрај сериозниот застој во разговорите во последниве неколку месеци, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи.

– Мораме да седнеме дури и со нашите најлути непријатели, но без какви и да било предуслови, и да се обидеме да се сослушаме едни со други, изјави Тачи за лондонскиот весник „Гардијан“.

Тачи нагласува дека во дијалогот меѓу Белград и Приштина го вложил сиот свој политички капитал што го изградил во изминативе две децении, додавајќи дека неуспех на разговорите би претставувало штета за целиот регион.

– Во сегашните околности, со сите тензии, не гледам зошто некој странски инвеститор би дошол и би инвестирал во нашиот регион. Само мировен договор може да донесе напредок, оценува Тачи.

Косовскиот претседател смета дека демаркацијата на границата меѓу Косово и Србија може да се регулира со „сеопфатен договор за меѓусебно признавање“, нагласувајќи при тоа дека е невозможно разграничување по етнички линии.