Тачи: Да се обединиме како пред 20 години во Рамбује
Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека финализацијата на Мировната конференција во Рамбује во Франција, на денешен ден пред 20 години, беше првата дипломатска победа на Косово, која го отвори патот за интервенцијата на НАТО и запирањето на етничкото чистење во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Финализирањето на Конференцијата во Рамбује во Париз пред 20 години беше нашата прва дипломатска победа, која го отвори патот за воена интервенција на НАТО за спречување на етничкото чистење во Косово. Овој договор го финализира процесот на ослободување на Косово, кој започна со нашата жртва и борба. Тој се претвори во тестамент за прогласување на независноста на Косово – напиша Тачи на Фејсбук.
Тој ги повика политичките субјекти на Албанците во Косово да се обединат, како што тоа го направија тогаш во Рамбује, за да ги постигнат следните цели.
– Обединувањето на политичкиот спектар во тоа време и непоколебливата верба во Соединетите Американски Држави го овозможи постигнувањето на овој договор по тешките и исцрпувачки преговори. Сега, исто како и пред 20 години, треба да се обединиме за да го оствариме нашиот следен сон – зачленувањето на Косово во ЕУ, НАТО и ОН, порача Тачи.
Мировниот договор кој го изготви меѓународната Контакт група, на 19 март 1999 го потпиша само косовската делегација, додека српската страна го одби. Откако специјалниот пратеник на САД Ричард Холбрук на 22 март не успеа да го убеди тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ да го прифати договорот, на 24 март започнаа воздушните напади на НАТО врз цели во тогашна СР Југославија. По 78 дена бомбардирања, на 9 јуни 1999 во Куманово беше потпишан воено-технички договор меѓу НАТО и СРЈ, со кој Србија беше принудена да ги повлече сите свои воени и полициски сили од Косово. Два дена подоцна започна распоредувањето на меѓународната воена мисија, КФОР, која во помал обем отколку на почетокот, и денес продолжува да функционира во Косово.
Ново на Сител
-
Игор Јуриќ: Да бидеме подготвени на најлошото, но да не се предаваме - верувам во чудо
-
Почина уште едно повредено лице во терористички напад во Москва
-
ВМРО-ДПМНЕ ја официјализираше својата коалиција
-
Мицкоски очекува ТВ дуел со Ковачевски
-
МТСП: Понеделник неработен за граѓаните од католичка вероисповед
-
Се уште нема трага од двегодишната Данка, потрагата продолжува
-
Индустриското производство во февруари зголемено за 0,3 отсто
-
ДЗС: Струјата во второто полугодие лани поскапела за 8,2 отсто