Македонија
16. August 2019 - 16:14

Таблите во Скопје не преживеаа ниту една ноќ

Ново поставените ознаки на спомениците не ја преживеаја ноќта. Непознати сторители ги отстраниле табличките од пред споменикот Филип 2 а ја оштетиле и табличката пред споменикот на Олимпија. Ознаката пред фонтаната каде е поставен Александар Велики е на истото место. Од градот немаат информации за сторителите па затоа не можат да ги казнат.

Поради зачестената појава на оштетување, Град Скопје во рамките на своите надлежности во наредниот период ќе го засили надзорот врз спомениците, а истите ќе бидат и под засилени инспекциски контроли.

Граѓаните се со поделени мислења за содржината на ознаките.

Туристите кои се во посета на градот, ги интересираат спомениците но не и потеклото на личностите. Запознаени се со долгогодишниот спор со Грција и постигнатата спогодба но се воздржуваат од коментари.

Владата даде наредба институциите да ги имплементираат одредбите од договорот за содржината на сите споменици, јавни згради, инфрастуктура, знамиња и грбови. Ознаките на спомениците  беа поставени вчера а веќе две недели се брише сонцето од Кутлеш од градските шахти. На тоа место ќе биде поставен симболот на надлежното претпријатие.