Loading Video...
Свет
25. јуни 2020 - 16:32

СЗО: Очекуваме бројот на инфицирани од Ковид-19 во светот идната недела да достигне 10 милиони

Светската здравствена организација (СЗО) очекува бројот на инфицирани од Ковид-19 во светот идната недела да достигне 10 милиони.

Статистиката покажува дека во првиот месец од епидемијата се пријавени помалку од 10.000 заразени, а во последниот месец скоро четири милиони.
Вирусот до сега одзеде над 470.000 животи ширум светот.

Во Русија почна седумдневно гласање за уставните реформи, со кое ќе се одлучи дали Владимир Путин ќе може да биде реизбран за претседател.

Опозицијата смета дека Путин е на власт долго време и дека усвојувањето на тие реформи би можело да се сфати како уставен пуч. Ако се усвојат уставните измени, Путин ќе може да се кандидира за претседател уште двапати откако ќе му истече сегашниот мандат во 2024 година, односно ќе има можност да претседава со државата до 2036 година.

САД со ново обвинение против Џулијан Асанж, основачот на „Викиликс“. Тој е осомничен дека регрутирал хакери од Европа и Азија, кои би можеле да обезбедат доверливи информации за неговата веб-страница.

Обвинението го товари Асанж за соработка со хакерски групи и поединци, кои му давале информации украдени од банка и аудиозаписи на високи владини функционери.

Според адвокатот на Асанж „немилосрдната потрага на владата за Џулијан Асанж“ претставува сериозна закана за новинарите.

Асанж беше уапсен минатата година, откако беше протеран од Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што е од 2012 година, и во моментов е во притвор каде ја чека одлуката дали ќе биде екстрадиран во САД.