Свет
24. April 2019 - 21:31

СЗО: На децата треба да им се ограничи времето поминато пред ТВ екран

На децата на возраст од две до четири години не треба да им се дозволи да седат пред ТВ екраните повеќе од еден час дневно, а бебињата помлади од една година  воопшто не треба да бидат изложени на електронски уреди, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Агенцијата на Обединетите нации, која ја издаде првата таква препорака, вели дека децата под петгодишна возраст, исто така, треба да бидат физички активни и да имаат соодветен сон, за да развијат добри животни навики и да спречат дебелеење и други болести во подоцнежниот живот.

Седењето пред екранот вклучува гледање телевизија или видео игри и играње на компјутерски игри.

Деца на возраст од една до четири години треба да поминат најмалку три часа во различни физички активности поделени во текот на денот.

Децата помлади од една година треба да играат на подот и да ги избегнат сите ТВ екрани, се вели во соопштението на СЗО.