Loading Video...
Македонија
27. September 2020 - 16:56

СЗО бара превенција на масовните настани, во Скопје станаа секојдневие

Седум месеци по прогласувањето на пандемија Светската здравствена организација посочи 4 приоритети во борбата со Ковид-19. Шефот на СЗО меѓу другото посочува државите да не дозволуваат масовни настани и да ги заштитат ризичните групи граѓани.

-Ги охрабруваме земјите да се фокусираат на овие 4 приоритети. Прво - превенирајте масовни настани, второ – заштитете ги ранливите, трето – едуцирајте, поттикнете и помогнете им на заедниците да се заштитат и себе си и другите користејќи ја секоја алатка која им е достапна и четврто – oбезбедете ги основните права, најдете ги, тестирајте и грижете се за позитивните случаи, следете ги и изолирајте ги нивните контакти. Ова е она што функционира, потенцираше Тедрос Аданом Гебрејесус, претседател на СЗО.

Многу држави уште од сега ги откажаа традиционалните светски познати настани планирани за идната година. Нема да има карневал во Рио Де Жанеиро, ниту новогодишна прослава на Тајмс сквер. Од друга страна кај нас речиси секојдневно почнаа да се одржуваат манифестации и концерти. На дел се почитува основните протоколи носење маска и држење растојание, но чести се снимките на кои можат да се забележат луѓе без заштита на лицето. Вакви примери имаше и на синоќешната „Бела ноќ”. Мининистерот за здравство потенцираше, ако продолжи ваквата пракса ќе има целосна забрана на настани.

-Во однос на вчерашниот настан нашите информации се дека мерките се почитувале во рамките на организацијата, значи гостите седеле согласно порепораките столчињата биле на соодветна дистанца, но мерките не се почитувале надвор од организираниот простор. Во таа смисла најавивме претходните денови дека ќе преземеме и дополнителни рестриктивни мерки, а една од нив е целосна забрана за настани, ако видиме дека ова ќе продолжи. Многу земји во светот ги откажуваат настаните и концертите за практично цела 2021 година, стравувајќи од непочитување на мерките. Интензивно ќе следиме и ќе видиме што ќе преземеме, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче се надева дека наскоро македонските граѓани ќе можат да патуваат во државите од регионот без ПЦР тестови. За иницијативата се уште се чека одговор од соседите меѓу кои и од Бугарија и Грција.