Македонија
6. December 2021 - 14:38

Свиркачите Лазаревски и Костовски кои ги извадија „бомбите“ добитници на наградата „Мето Јовановски“

Разузнавачите во поранешното УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, кои го открија незаконското прислушкување, се овогодинешни добитници на државната награда „Мето Јовановски“, која претставува највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

Министерството за култура соопшти дека Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ за 2021 година на својата последна седница донел одлука Лазаревски и Костовски да ја добијат наградата за остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 10 декември 2021 година на свечемост во Собранието.

Лазаревски и Костовски од Управата за безбедност и контраразузнавање ги извадија „бомбите“ и му ги предадоа на ексдиректорот на УБК Зоран Верушевски. Тие беа уапсени во февруари 2015 година, како обвинети во случајот „Пуч“, веднаш откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев почна да ги пушта „бомбите“. Костовски се спогоди со Обвинителството и призна дека е виновен за неовластено прислушување и шпионажа, по што беше осуден на три години затвор. Лазаревски не призна вина и остана 11 месеци во притвор. Костовски беше пуштен од затвор во април 2016 година, по аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. 

Поранешното Специјално јавно обвинителство-СЈО отвори предмет „Таргет-Тврдина“ во кој беше посочено дека директно и индиректно со прислушувањето биле опфатени околу 20 000 граѓани. Незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Предметот заврши со пресуда во која обвинетите, меѓу кои беа и поранешниот доиректор на УБК Сашо Мијалкков, поранешната министерка за внтарешни работи Гордана Јанкуловска, Никола Бошковски, Горан Грујоски…. добија вкупно 55 години затвор и 10 години условен затвор.