Свет
2. April 2017 - 9:10

Свињата повредна од странски работник

Повремено во медиумите се појавуваат извештаи за тоа како германските работодавачи ги искористуваат и експлоатираат работниците кои доаѓаат од истокот и југоистокот на Европа.

Најчесто станува збор за месната индустрија.

На 50-годишен месар од Бугарија сонот му бил во Германија да заработи некое евро за себе и своето семејство кое останало дома, а траел точно три дена. Во погон за транжирање на месо во околина на Гилтерслох во западна Германија, веќе третиот работен ден механичката пила за месо му го фатила малиот прст на раката и покрај заштитните ракавици кои ги носел. Но никој не повикал доктор. Наспроти болките и крварењето, едноставно морал да продолжи да работи.

Поминале уште три дена по несреќата на работа, пред конечно да успее да оди во болница. Таму бил опериран и останал да лежи два дена. Неговиот работодавач не само што не му помогнал, туку дури се однесувал како тој и да не постои. Уште додека бил во болница, неговото сместување го доделил на еден друг работник од Бугарија, така што овој истовремено го изгубил и прстот и работата и сместувањето. Секако бил очаен. Теоретски бил на „пробна работа” и дури не знаел точно ни како се вика фирмата за која работи.

За Саболч Шепши тоа е само еден од многу случаи со кои се сретнува речиси секој ден. Тој работи за организацијата Faire Mobilitat (проектот настанал во рамки на германското здружение на синдикати DGB), во нејзината експозитура во Дортмунд и се обидел да се избори за правата на тој бугарски работник: „Не успеав да му го продолжам договорот за работа, но сепак успеавме да ги решиме сите спорни прашања и барем да му овозможиме да добие пари за деновите за боледувањето. Инаку, вакви случаи има многу...”.

Не се увезува месо, туку месари

Организацијата на Шепши помага на работниците од источна и југоисточна Европа да добијат барем толку пари колку што им е ветено. Притоа ни судските процеси не се реткост. Иако има проблеми и во другите стопански гранки, токму месната индустрија е таа која е најлоша во експлоатацијата на странските работници. Причината за таквата ситуација лежи уште во 90-тите години од минатиот век и во „кравјото лудоло” кое тогаш ја потресуваше европската месна индустрија. Такви случаи имаше и во Германија, а во тоа време се спроведуваа и драстични мерки против таа болест.

Инаку, во тоа време на виделина излегоа и некои други детали за месото кое се продава во Германија: за злоставување и болни животни чие месо се увезува и продава во германските месари. Затоа беше воведено правило точно да се означува каде животното било чувано, каде било заклано и исечено и каде месото било пакувано. Секако, ако сето тоа било направено во Германија, тогаш и месото било поскапо. Но, муштериите плаќаат малку поскапо верувајќи дека јадат здраво месо.

Месната индустрија реагирала на едноставен начин: наместо да увезува месо, се повеќе почнала да увезува месари. Теоретски тоа и понатаму било „германско месо”, иако месарот бил Полјак, Бугарин или Романец, секако со плата далеку помала од германските колеги. Имено, тие не биле работници на германските фабрики за преработка на месо, туку на разни посреднички фирми од источна Европа: „Целото производство на месо, од колењето, па до производството на месни производи, е во рацете на странски партнерски компании. Поради тоа германските фабрики не се чувствуваат одговорни за работниците во тие фирми” – објаснува Шепши.

„Доброволна” декларација

Организацијата Faire Mobilitat има експозитури во Дортмунд, Кил, Олденбург и Реда-Виденбрук и ангажира луѓе кои на работниците можат да помогнат на нивниот јазик, моментално се тоа полски, романски, бугарски и унгарски. Теоретски и германскиот законодавец до некаде ги подобри условите за работа на тие луѓе, но се уште има проблеми.

На пример, од 2014 година и за тие работници во месната индустрија важи минимална саатнина, моментално тоа е 8,75 евра на час. Но, неверојатно е на кои се начини се обидуваат да ги измамат. На пример, им се наплатува услуга за острење на ножевите, изнајмување на работна облека или се „казнуваат” за лош работен учинок. Или едноставно се излажани при пресметување на работните часови, вели Шепши. Така на крај на месецот лесно може да недостасуваат и по 200 евра од тоа што им било ветено.

Експлоатацијата во месната индустрија се случува поради тоа што таа главно се одвива далеку од очите на јавноста. Новинарите во принцип „не се посакувани” и им се забранува пристап „од хигиенски причини”, кои важат во прехранбената индустрија. И покрај тоа, голем број скандали во месната индустрија протекоа во јавноста, а тоа за производителите е лоша реклама.

Затоа во септември во 2015 година, 18 концерни во месната индустрија потпишаа „доброволна обврска” за подобрување на работните услови. Меѓу потписниците се и гиганти како што се Тенис (промет од 6,3 милијарди евра), Вестфлајш, Даниш Краун (најголем производител на свинско во Европа и втор во светот), Вион со 4,5 милијарди и PHW со 5,4 милијарди и најголем преработувач на живина. Тие во таа декларација се обврзуваат и на тоа дека ќе го намалат бројот на „изнајмените работници” од источна Европа, како и дека ќе го зголемат бројот на вработените кои ќе работат според германски прописи за работа.

Сега и агенциите се во Германија

Михаел Андрицки, директор на Здружението на германската прехранбена индустрија (VdEW) тврди дека во концерните кои ја потпишале таа декларација сега навистина се вработуваат работници кои работат по германски прописи, но Саболч Шепши предупредува дека ни тоа не значи дека условите за работа за странските работници станале многу подобри. Имено, сега месната индустрија освен работници, ги „увезла” и тие истите агенции за посредување со кои и до сега работеле: „Агенциите кои до сега имале седиште во Романија, Полска и Бугарија, сега се регистрирани во Германија. По правило со истиот персонал. Тоа сепак значи дека работниците нешто полесно можат да дојдат до правата кои им припаѓаат” – укажува Шепши.

Матијас Бример е на чело на синдикатот на работниците во прехранбената и угостителската индустрија (NGG). Тој тврди дека и таа доброволно прифатена обврска претставува само привид дека нешто станало подобро. Иако имено меѓу потписниците гиганти на месната индустрија, целиот систем на кланици и погони за преработка на месо тоа не го потпишале, а некои од нив испорачуваат производи и на тие концерни. Истовремено и понатаму во погоните постои огромна разлика меѓу „вистинските” работници и работниците „изнајмени” од истокот.

Синдикалецот предупредува дека практично никој од нив нема договор на неограничено време: „Целиот систем погодува на експлоатацијата” – тврди Бример. Тоа допира се до европските насоки за користење на енергијата од обновливи извори. Имено, тој закон „ги казнува” фирмите кои за енергенти трошат над 14 отсто од вкупната (бруто) добивка, тие поради тоа мора да плаќаат дополнителен данок. И тука доаѓа „трикот” кој го користат не само во месната индустрија: ако работниците „се изнајмуваат” наместо да се вработуваат, тогаш тие претставуваат само трошок во производството кое го намалува вкупниот профит, исто како што е тоа амортизацијата на машините, одржувањето на зградите или возниот парк.

А ако се тоа „вистински” работници, тогаш нивните плати се делат од остварениот приход.

Резултатот на сите такви и европски и германски прописи кои многу повеќе погодуваат на концерните отколку на работниците е јасен: германската месна индустрија одлично се котира и на меѓународниот пазар. Затоа на трпезите на потрошувачите во Европа се почесто стигнува токму „германското” месо, од околу милион и 900.000 животни кои се колат во Германија секој ден! Десет најголеми концерни само во Германија остваруваат промет од 20 милијарди евра, а трошоците за преработката се минимални.

Колку германските кланици ги чини обработка на една свиња? Точно едно евро и 50 центи, ако се користат услуги од некоја од агенциите за посредување на работници, тврди синдикалецот Матијас Бример.

Тој ја сумира деловната политика на германската месна индустрија: „Ние увезуваме евтина работна сила и извезуваме евтино месо во Европа и во целиот свет”. 

 

Дојче веле - Бон