Македонија
5. July 2018 - 11:08

Свилановиќ: Им честитам на Заев и Ципрас за храброста, постигнаа реален договор

Навистина ја ценам храброста на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за клучниот договор што го постигнаа, не само за народите на двете земји, туку и за сите нас во целиот регион, изјави во Брисел за МИА генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ.

- Знам дека сите луѓе не се задоволни ниту на едната ниту на другата страна, но јас сметам дека е постигнат реален договор и јас очекувам тоа да го поддржат и граѓаните на референдум, оцени Свилановиќ.

Посочи дека долго време во политиката постоело уверување дека во регионот не е можно да се најде договор и решенија, и оти сега се покажало дека некои луѓе се во состојба да ги решат проблемите.

- Заев и Ципрас имаа храброст за тоа, да ја стават во залог својата политичка кариера, за доброто на луѓето кои ги преставуваат и да се договорат, рече Свилановиќ, додавајќи дека овој договор ќе биде поттик и охрабрување и за Белрад и Приштина.

Свилановиќ истакна оти во поглед на Македонија очекувал похрабра одлука на Европскиот совет, порачувајќи им на политичарите да продолжат да ја водат земјата по овој пат, сметајќи дека досега е направена добра работа.