Македонија
1. October 2018 - 17:26

Светските медиуми за референдумското изјаснување во Македонија

Резултатите од вчерашниот референдум во Македонија се анализираат и од најголемите светски медиуми. Во своите извештаи светските агенции пишуваат дека најголем дел од излезените избирачи гласале “ЗА”, но дека одзивот бил неочекувано, многу слаб.

Би-би-си коментира дека гласањето за промена на името на нашата земја не успеало да го достигне потребниот праг. Прелиминарните резултати покажале дека само нешто повеќе од една третина од Македонците гласале на референдумот, но и покрај ваквата состојба премиерот на земјата го повикал парламентот да ја "потврди волјата на мнозинството гласачи кои излегле на гласање".

Под насловот “Референдумот во Македонија не успеа да ја достигне потребната излезност” Ројтерс ја пренесува изјавата на првиот човек на ДИК, Дерковски, дека поради тоа што на референдумот не излегле 50% од запишаните избирачи не е донесена никаква одлука.

Франс Прес пишува дека по објавувањето на резултатите, Премиерот Зоран Заев се спротиставува на слабиот одѕив на гласачите, со цел Македонија да се приклучи кон ЕУ и НАТО. Противниците на референдумот пак остануваат на ставот дека слабиот одѕив го направи резултатот празен.

Еуроњуз објавува дека ниската излезност формираше облаци над Македонија каде гласачите со големо мнозинство рекоа „Да" на референдумот. Македонскиот премиер Зоран Заев вети дека ќе продолжи со процесот на ратификација за да го смени името на неговата земја во "Република Северна Македонија", иако неговата коалиција призна дека референдумот не успеа да обезбеди 50 отсто излезност потреба за да стане законски валиден, стои во нивниот извештај.

Си-ен-ен и Њујорк Тајмс јавуваат дека по завршување на референдумот и двете страни објавиле победа, и дека главна карактеристика на референдумското изјаснување бил нискиот одѕив, но и за можноста премиерот Зоран Заев да го активира процесот на уставни амандмани за преименување на Македонија.