Македонија
28. April 2017 - 8:23

Светски ден за безбедност и здравје на работа: Лани 894 повреди на работно место

Изминатата година се регистрирани 894 повреди на работа, што е за 27 отсто помалку во однос на 2015 година која се регистрирани 1.222 повреди на работа, покажуваат податоците кои на својата веб страница ги објави Институтот за јавно здравје на Република Македонија по повод 28 април, Светски ден за безбедност и здравје на работа.

Во структурата на регистрираните повреди на работа, информираат од Институтот, и натаму најголем број се оние забележани во индустријата и рударството и тоа 356 повреди или 39,8 отсто од вкупниот број на регистрирани повреди во Република Македонија во извештајната година. Во однос на 2015 година, бројот на повредите во индустријата и рударството е намален за 30,5 отсто.

На второ место се наоѓаат повредите регистрирани кај останатите осигурани лица каде се регистрирани 175 повреди т.е. 19,5 отсто од вкупниот број, што претставува намалување од 47 отсто во однос на претходната година. Изминатата година на трето место се рангирани повредите регистрирани во здравството и социјалната заштита. Станува збор за 161 повреда, а нивниот број е речиси непроменет во однос на 2015 година.

Повредите на работа регистрирани во сообраќајот и врските изминатата година го заземаат четвртото место. Регистрирани се 46 повреди т.е. 5,1 отсто од нивниот вкупен број. Споредено со 2015 година во оваа стопанска дејност се бележи намалување на повредите на работа од 47 отсто.

Во градежништвото се регистрирани 10 повреди на работа, што претставува 1,1 отсто од вкупно регистрираните повреди во извештајниот период. Во истата дејност, во 2015 година се регистрирани 19 повреди.

Во структурата на вкупниот број на повреди на работа изминатата година (како и во претходните извештајни години) значително повеќе има повредени работници од машкиот пол. Така во 2016 година 662 повреди (74 отсто од сите повреди), се регистрирани кај работниците од машки пол. Во структурата на повредите според пол изминатата година работничките учествуваат со 26 отсто, односно со 232 повреди на работа.

Стапката на повреди на работа (стапката на фрекфентност-инциденција) изминатата година во Република Македонија изнесува 123,5 на 100.000 и во однос на 2015 година, кога стапката изнесува 173,1 на 100.000, таа е намалена за речиси 30 отсто. 

Од Институтот за јавно здравје информираат дека неопходно е воспоставување интегриран систем за следење и пријавување на повредите на работа и професионалните болести кој би овозможил евидентирање и регистрирање на сите повреди на работа и професионални болести.

Институт за јавно здравје на Република Македонија, како што се наведува, располага со кадровски и технички услови, во соработка со релевантните установи од областа на статистиката и со релевантните извештајни единици/субјекти да обезбеди имплементација на еден ваков систем, кој би овозможил директно on line пријавување на овие состојби од страна на избраниот доктор, како и вклучување на докторите специјалисти по медицина на труд, овластените установи за медицина на труд и правните субјекти за безбедност на работа во системот.

Конфедерацијата на меѓународните синдикати во 1996 година 28 април го востанови како Меѓународен ден на комеморација за загинатите и повредени работници ширум светот. Затоа, во спомен и сеќавање на оние кои го загубиле животот во несреќен случај на работа, Институтот за јавно здравје повикува напладне на минута молк и почит.

Македонското Здружение за заштита при работа ќе го одбележи Светски ден за безбедност и здравје на работа на плоштадот Македонија пред Камениот мост, по што во просториите на ИЗИИС ќе се одржи тркалезна  маса  во  организација  на  Советот за безбедност и здравје при работа на  Македонија.