Македонија
17. October 2019 - 16:53

Светски ден на сиромаштијата- во земјава се живее и со 2.000 денари месечно

-Што ќе јадам. Нема. Само сув леб и сол, а социјално касни, рече Маријан Станишковски.

Вака прежувува 59 годишниот Маријан Станишковски од кумановската населба Доброшане. Тој вели дека месецот со сопругата и синот ги поминувале со 2000 денари социјална помош од државата. Се пожали дека секојдневно мора да собира шишиња и железо за да го прехрани семејството, а пари за сметки не им останувале.

-Шишиња собирам и ги продавам. Железо собирам по улиците, ми се смеат сите на улица, се пожали Станишковски.

Слична судбина дели и Стојчо Василев од Пробиштип. Работел 18 години, а сега мака мачи да ги нахрани децата.

-Живеам со собирање шишиња со 500 денари за 3 дена ги ранам децата. Моите деца во општина Пробиштип ги потценуваат им викаат таткови брка по контејнери за да ве рани. Бев и кај министерката и ми рекоа дека тие работи што ме следуваат не можело да ги земам зошто сум имал пари на сметка, изјави Стојчо Василев од Пробиштип.

Маријан и Стојчо се меѓу илјадниците граѓани во земјава кои едвај преживуваат. Исто така според статистичките податоци 22 проценти од населението живее во сиромаштија.

-Во Македонија немаме голем процент на екстремна сиромаштија, но имаме луѓе кои живеат на дното, не активни ниту на пазарот на трудот, ниту во општествените текови. Од друга страна имаме долгорочно невработени лица со квалификации, изјави Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија.

-Сиромаштијата не значи само закон за социјална заштита, туки отсуство за пристап до здравствени политики, младинска гаранција, пристап до нови работни места, изјави Зоран Биковски, од Невладината организација Кхам од Делчево.