Македонија
10. јуни 2016 - 8:25

Светска премиера на „Соларис“ на МНТ на Виенскиот фестивал

Во комплексот MuseumsQuartiers (MQ) во Виена вечер на фестивалот „Винер фествохен“ (Wiener Festwochen) светска премиера ќе има претставата „Соларис“ на Македонскиот народен театар во режија на Украинецот со меѓународна кариера Андриј Жолдак. Виенскиот фестивал, кој е меѓу престижните во Европа, е копродуцент на нашиот театарски проект. 

„Соларис“ е втора соработка на Жолдак со МНТ по премиерата на „Електра“ во 2014 година. Овојпат режисерот, кого го нарекуваат Мејерхолд на новото време, го поставува на сцена истоимениот филозофски и научнофантастичен роман на Станислав Лем и се очекува повторно да ја покаже својата специфична театарска естетика.

Книгата на полскиот писател, која раскажува за залудните обиди за комуникација со животот на други планети во вселената, го инспирирала и режисерот Тарковски кој ја екранизираше во 1972, а филм „Соларис“ направи и Содерберг 30 години подоцна.

Сценскиот „Соларис“ на Жолдак е најавен како фасцинантна и опасна одисеја низ сеќавањата и искрените копнежи. Во најавата за македонската претстава, Виенскиот фестивал пишува дека „Соларис“ е еден вид повратен лет - патување од далечна ѕвезда во најдлабокото себе, во свет кој е помистериозен и од огромниот универзум.

За режисерот Жолдак, пак, „Винер фествохен“ наведува дека е автор кој не признава бариери, комбинира комедија дел арте со сајберпанк и научна фантастика, дека создава нагол и сигурен во себе театар кој понекогаш опасно непретпазливо се истура со енергија и имагинација. - Неговиот театар е чист бес, ја слави ирационалноста и достигнува до самите ѕвезди кои ја инспирираат неговата космогониска визуелна екстраваганција. Затоа и не изненадуваат неговите најнови продукции..., најавува фестивалот во програмата. 

Подготовките на претставата траеја 40 дена и по светската премиера во MuseumsQuartiers (MQ) во австриската престолнина, скопската публика ќе ја види во септември. Жолдак, кој живее во Берлин и режира во повеќе европски центри (оваа година во Русија и Белгија), неодамна изјави дека е задоволен од соработката со ансамблот на МНТ. За нашиот театар рече дека станува можеби најдобар на Балканот, а за Македонија дека веќе е негов втор дом.

Во актерската екипа на „Соларис“ се: Дарја Ризова, Дејан Лилиќ, Александар Ѓорѓиоски, Славиша Кајевски, Драгана Левенска, Александар Михајловски, Софиа Наевска-Трифуновска и Арна Шијак, од кои повеќето учествуваа и во „Електра“, како и две деца - Калина Трипкова и Дарио Ефтимовски. Андриј Жолдак е автор и на сценографијата, заедно со Моника Пормале од Летонија, костимограф е Даниел Жолдак, а музиката е на Владимир Кликов. Асистент на режија е Никола Кимовски.

Оваа копродукциска претстава ќе има уште две изведби (11-ти и 12 јуни) на Виенскиот фестивал на кој, како и во минатите години учествуваат претстави на големи имиња на европскиот и светскиот театар.

Според директорот на МНТ Дејан Пројковски, премиерата на „Соларис“ на „Винер фествохен“, кој постои од 1951 година, е почеток на презентирањето на МНТ во првата лига театарски фестивали.  Селекторката на фестивалот Марина Давидова, која посети една од пробите на „Соларис“ во Скопје, оцени дека ќе биде најдобра претстава иако на фестивалот нема официјален натпревар.

„Винер фествохен“ (т.е. Виенски фестивалски недели) се одржува пет или шест седмици во мај и јуни и годишно има околу 180.000 посетители. Свечено беше отворен на 13 мај и ќе трае до 19 јуни. Годинава е домаќин на продукции од сите страни на Европа, но и надвор од континентот (на пример од Тел Авив и од Техеран) и е копродуцент и на други претстави кои во Виена ќе бидат изведени премиерно. Од нашиот регион фестивалот е копродуцент и со ХНК Риека и Словенско младинско гледалишче од Љубљана за претставата „Нашето насилство и вашето насилство“.

Гостуваат проекти од различни жанрови и режисерски пристапи - покрај драми, опери и балет, има и мјузикли, танцов театар, мултимедијални претстави и необични перформанси (како театарот на фигури „Mi gran obra“ од Барселона, интерактивната исталација „Les thermes“ на продукција од Лил, 24-часовниот перформанс од Антверпен „Mount Olympus“...) Во придружната програма се секојдневни средби со режисери, автори, актери, продуценти, дијалози и дебати, изложби, инсталации и концерти на отворено.