Бизнис
9. January 2019 - 19:42

Светска банка прогнозира раст од 2,9%

Раст од 2,9% на БДП годинава, прогнозира Светска банка. Во извештајот за земјава се наведува дека крајот на политичката криза ја придвижила економијата.

Споредено со регионот, Македонија, Хрватска и Црна Гора се земјите со најбавен економски раст. Најголем напредок се очекува од Албанија и Косово.

Од Министерството за финансии велат дека владините проекции се реални и слични со тие на другите финансиски институции.

“Тоа што велиме дека 2019 година ќе завршиме со 3,2%, а се многу блиску до ММФ, СБ, а пониска од НБРМ, значи дека одиме со многу кредибилна проекција. Ние тоа го покажавме во последните година и пол, каде тие проекции за раст на БДП, фискално најважни се дали може да ја остварите приходната страна”, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.

Според опозицијата, земјава не покажува соодветни резултати земајќи ги предвид можностите на домашната економија.

“Економски перспективи ниту имало, ниту може да има. Уништено е градежништвото, што е носител на еден економски раст или нереализацијата на капиталните инвестиции, кои што самите ги проектираа”, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во извештајот на Светска банка е наведено дека Македонија ја завршила 2018 година со раст на БДП од 2,5%.