Бизнис
4. October 2018 - 19:39

Светска банка предупредува: Јавниот долг до крајот на 2018 ќе стигне до 50% од БДП

Светска банка апелира државата да го заузда јавниот долг, што според нив до крајот на годинава ќе го достигне прагот од 50% од БДП. Според економскиот извештај за Македонија, Светска банка очекува земјава да ја заврши годината со раст на БДП од 2,5%, наспроти проекциите на Владата за економски раст од 3,2%.

“Значи, на краток рок потребен е фокус на тоа, а тоа е единствено можно само доколку Македонија спроведе одредени прилагодувања и креира одреден фискален простор. Добрата вест е дека оваа година дефицитот малку се намали така што е важно да се креира еден виртуелен циклус каде што има сè поголем фискален простор за продуктивни инвестиции од буџетот, особено за човечки капитал, како и да се намалат потребите да се финансираат дефицити со повторно задолжување”, изјави Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка во Скопје.

Во врска со слабата реализација на капиталните инвестиции и најавеното релоцирање на неискористените буџетски пари, Светска банка советува во иднина да се зајакне управувањето со јавните инвестиции.

“Сега е октомври, со прераспределба на неискористените средства за проекти што не се отпочнати, тешко дека ќе може значајно да се зголеми процентот на искористеност на капиталните инвестиции во последниот квартал од годината”, изјави Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист за регионот на Западен Балкан.

Светска банка очекува дека политичката неизвесност во земјава бргу ќе заврши, со што нема негативно да влијае на реформскиот процес и нема да го забави економскиот раст.